Разврската околу финалисите во кошаркарскиот плеј оф може да биде позната по одигрувањето на вторите полуфинални натпревари. Вечер во Гевгелија и во салата „Кале“ во Скопје се играат двата дуела.
Во Гевгелија ланскиот финалист Кожув е домаќин на Работнички, а домашните ќе бидат без помошта на тренерот Димитар Димитров, кој поради вербалниот дуел со судијата Антонио Теофиловски по завршувањето на првиот натпревар и по пријавата од службените лица е казнет со еден натпревар забрана на водење на екипата и парична казна од 20.000 денари. Кожув со победа ќе се избори за мајсторка, додека Работнички со евентуален триумф ќе се избори за финале. Почетокот на натпреварот е во 19:30 часот.мс/10:26
Вториот полуфинален дуел меѓу Лирија и МЗТ Скопје Аеродром е трет за помалку од седум дена на овие две екипи. Шампионот МЗТ Скопје Аеродром важи за фаворит, поради серијата победи и поради тоа што повеќе од една година нема пораз на натпревар со македонска екипа. „Металците“ имаат предност од 1-0 во победи. Почетокот на натпреварот е во 19 часот.
Евентуални победи на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе ги промовираат двата тима во финалето, кое во тој случај би почнало во петок. Со триумф на Кожув или Лирија, во петок би се играле мајсторките од полуфиналето на плеј оф-от.