На женевскиот салон на автомобили компанијата „Пежо“, немаше премиера на нови модели, но изложи интересен футуристички концепт на спортски четворосед со хибриден погон и технологија за автономно возење.
Тоа е возило со се популарен хибриден погон, а воедно и самовозечки автомобил.
Овој концепт е придвижен од Плуг-ин хибриден систем со вкупна комбинирана сила од 300 кс.
Производителите на автомобили се повеќе се фокусираат на поврзаноста на возилата со мобилните електронски уреди. „Пежо“ во својот концепт се потпира на таканаречените „Интернет работи“.
Идејата е автомобилот да биде поврзан со разни електронски уреди на сопственикот, од кои добива сознанија за навиките и животниот стил на возачот, и практично учи за својот „газда“, за постепено да ги прилагоди можностите на возилото кон барањата и потребите на сопственикот.
На овој начин, автомобилот ќе го дочекува возачот со подесувања „скроени“ за него, вклучувајќи го и сетинг амбиенталното осветлување во кабината, аудио системот, начините на возење, интерфејсот на мултимедијалниот систем и слично.
„Инстинкт Концептот“ нуди и технологија на самовозечки автомобили, што треба да го замени возачот зад управувачот и на сопственикот да му го олесни управувањето со возилото кога тој е заморен или зафатен со нешто друго.
Навигацискиот уред, исто така, е поврзан со електронскиот планер на возачот и врз основа на однапред закажаните обврски автоматски ја внесува секоја следна локација и, по потреба, го вклучува и самовозачкиот мод, така што сопственикот може да има телефонски разговори или да се подготви за состанок додека компјутерот ја презема функцијата на возач.
Кога сопственикот тоа ќе го посака, повторно ќе се најде зад кормилото, но место класичниот волан, тука има футуристички управувач што се извлекува.