Шампионот МЗТ Скопје Аеродром и повеќекратниот првак во кошарка Работнички вечер ја почнуваат финалната серија од плеј офот во борба за шампионската титула.
За разлика од претходните сезони годинашниов плеј оф стартува без предност за некоја од екипите, иако МЗТ Скопје ги доби сите дуели во Супер лигата.
По десет години повторно „вечните ривали“ во директен дуел ќе решаваат за титулата. Ова ќе биде седми пат во финалето да играат овие два тима, а во сите шест досегашни финални „пресметки“ победи постигнувал Работнички.
Но, на последните шест меѓусебни натпревари максимални шест победи има шампионот МЗТ Скопје, кој воедно околу две и пол години нема пораз од Работнички.
Комплетната финална серија (сите натпревари) ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски, што значи дека ниту еден тим ќе нема предност на „домашен“ терен. Финалната серија се игра во пет натпревари или до три победи на една екипа.
Почетокот на вечерашниот натпревар е во 19:30 часот.