Во салата „26 јули’’ во Гевгелија од денеска до недела ќе се одржуваат натпреварите на завршниоит „Фајнал-8’’ турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија во двете конкуренции.
Дваесет и петото издание на Купот на Македонија ќе го отворат екипите на МЗТ Скопје Аеродром – Бест со дуелот од 13 часот. По нив од 15:30 часот ќе следува натпреварот Карпош Соколи – Струмица. Во попладневниот термин од 18 часот ќе играат Куманово – Работнички, а во вечерниот од 20:30 часот во последниот четвртфинален меч ќе играат Фени Индустри – Кожув.
Во сабота на програмата покрај полуфиналните средби во машка конкуренција, ќе се играат и полуфиналните натпревари кај жените. За место во финалето во женска конкуренција ќе се борат, Бадел 1862 – Студент и Клубски – Лотос.
Завршниот односно финален натпревар ќе се игра во недела и тоа женското финале со почеток од 15:30 часот, а машкото ќе започне од 18 часот.
Трофејот во машка конкуренција ќе го брани екипата на Работнички, додека кај дамите Бадел 1862 ќе атакува на третиот во низа.