Во организација на Македонската хокеј федерација, а со поддршка од Агенцијата за млади и спорт (АМС) претстојниот викенд започнува Балканската лига во хокеј на мраз.
АМС го помогна овој проект во насока на промоција и афирмација на хокејот во нашата земја, вели директорот на Агенцијата Марјан Спасески.
– Балканската хокеј лига е круна на напорите за промоција и омасовување на хокејот како спорт во нашата држава. Македонската хокеј федерација и Агенцијата за млади и спорт прават огромни напори за повторно заживување на хокејот во нашата земја, како спорт кој и тоа како бил повеќе од атрактивен во Скопје во периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Токму во таа насока се и проектите што ги реализира Хокеј федерацијата на Македонија со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, како што се „Школите за млади хокеари“ и „Отворените денови на хокејот“. Тие се реализираат со единствена цел да придобиеме многу млади луѓе да го засакаат овој спорт и професионално да почнат да спортуваат”, истакна Спасески.
Финансиска поддршка за проектите на Хокеј федерацијата на Македонија од буџетот на АМС оваа година изнесува 400.000 денари.
– Агенција за млади и спорт е презадоволна од фактот што секојдневно расте бројот на деца што се занимаваат со хокеј и ваквите проекти се показател дека сме чекор поблиску до приближување на хокејот до младите додаде Спасески.
Од осумте екипи во лигата Македонија ќе има три претставници, а останатие се од Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција.
Екипите ќе бидат поделени во две дивизии.
Во првата дивизија ќе настапуваат: Металург од Скопје, Спартак Суботица, Славија Софија и Вукови Сараево.
Во втората дивизија ќе настапуваат 2 македонски екипи, една екипа од Грција и една од Бугарија.
– Во првата дивизија ќе се играат вкупно пет турнири, од кои два во Скопје и по еден во Сараево, Суботица и Софија, додека пак во втората дивизија ќе се играат вкупно три турнири и тоа сите во Скопје. Втората дивизија практично ќе се смета и за државно првенство на Македонија во хокеј на мраз, истакна Никола Тасев претседател на Хокеј федерацијата на Македонија.
Првиот турнир од Балканската лига ќе се игра од утре до недела на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“. Македонската публика ќе има можност да гледа квалитетен меѓународен хокеј.
Двојките за утре се:
21:00 часот Металург Скопје – Спартак Суботица,
22:45 часот Славија Софија Вукови Сараево.