„Мeкларен“ ја информира јавноста за официјалниот почеток на производството на својот најнов модел „П1“.
Речиси сите купувачи кои се во можност да издвојат милион евра за овој автомобил веќе го нарачаа својот модел, така што за продажба останаа само уште неколку непродадени возила.
Првите примероци на топ моделот на „Мекларен“ наскоро ќе бидат испорачани до новите сопственици, а компанијата соопшти дека ќе бидат произведени само 375 автомобили.
„Мекларен П1“ беше претставен во претпродукциско издание на Саемот на автомобили во Париз во 2012 година, а на Женевскиот авто-салон во март 2013 година беше прикажана и сериската верзија, што битно не се разликува од основниот концепт.
Коефициентот на отпор на ваздухот кај „Мекларен П1“ изнесува 0,34, а автомобил создава сила на „лепење за земја“ (downforce) од 600 килограми, што е петпати повеќе во однос на претходниот модел „Мекларен МП4-12Ц“.
Шасијата е изработена од јаглеродни влакна и е тешка само 100 килограми. Од британскиот производител наведуваат дека ваквата шасија на автомобилот му обезбедува сигурност и крутост како кај болидите од „Формула 1“.
Срцето на автомобилот го прави хибридниот погонски систем што се состои од 3,8-литарски В8 твин-турбо бензински мотор со 737 коњски сили и 720 Нм и електромотор, што располага со дополнителни 179 КС. Комбинираната сила на „Мекларен П1“ изнесува 916 КС, а вкупниот обртен момент 900 Нм.
Моќноста се пренесува на тркалата преку автоматски седумбрзински менувач со двојно квачило.
Автомобилот од 0 до 100 километри на час забрзува за помалку од три секунди, додека за до 200 километри на час му се потребни под седум секунди. По 17 секунди, „П1“ достигнува 300 километри на час, додека максималната брзина електронски е ограничена на 350 километри на час.
Почетната цена во Велика Британија изнесува 866.000 фунти (околу 1.026.000 евра).