На спортските терени во СУГС „Орце Николов“ синоќа беше отворен бизнис баскет турнирот.
Турнирот ќе трае цела година, а натпреварите ќе бидат поделени во есенски и пролетен дел. Право на учество имаат сите компании.
Спортската манифестација ја отвори претседателот на Советот на општина Карпош Сашо Лазаровски кој истакна дека ваков настан се организира за првпат во Македонија и изрази надеж дека манифестацијата ќе прерасне во традиционална.
– Оваа година пријавени се 11 екипи, но се надевам дека секоја година ќе се пријавуваат сé повеќе и повеќе и со тоа манифестацијата ќе прерасне во традиционална. Им посакувам многу среќа и успех на сите екипи кои се пријавија оваа година и нека победат најдобрите, рече Лазаровски.
Манифестацијата е во организација на Општина Карпош, а се реализира во соработка со спортскиот центар „Форца“,
Оние што ќе го освојат првото место ќе бидат наградени со викенд во Грција, за второто место наградата е викенд во Боровец, а за третото место – годишен договор за користење на баскет терените во СУГС „Орце Николов“.