Новата „американска“ ера во историјата на Челси започна со трансферот на Рахим Стерлинг од Манчестер сити за 50 милиони фунти, откако англискиот репрезентативец беше претставен во Лос Анџелес, каде што клубот е на летни подготовки.
27-годишниот Стерлинг е првото засилување за Челси по продажбата на клубот од Роман Абрамович на американскиот конзорциум предводен од Тод Бели, и тој ќе заработува над 350.000 фунти неделно во Лондон, каде што потпиша петгодишен договор.
„Вистинско задоволство е да си тука. Во мојата кариера остварив многу, но има многу цели пред мене и пресреќен сум што ќе правам тоа во дресот на Челси под водство на Томас Тухел. Лондон е мојот дом и сега, конечно, ќе имам шанса да играм пред моите пријатели и моето семејство секоја недела на ‘Стемфорд Бриџ’“, вели Стерлинг, кој помина седум сезони во Сити по трансферот од Ливерпул.
Второто засилување за Челси ќе пристигне утре, откако дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали со приватен авион отпатува за Лос Анџелес, каде што ќе го комплетира медиинскиот преглед и ќе потпише за околу 34 милиони фунти по осум години во италијанскиот прволигаш. Кулибали ќе биде совршено засилување за одбранта откако Антонио Ридигер и Андреас Кристенсен заминаа од клубот како слободни играчи.
Извор: Тоспорт