Најдобрите македонски тенисери во двете конкуренции Лина Ѓорческа кај жените и Томислав Јотовски кај мажите изборија пласман во следната рунда на фјучрс турнирите на кои настапуваат.
Ѓорческа (2. носителка) ја совлада во 2.коло на турнирот на Бол на Брач (Хрватска) Камила Џиангреко Капиз од Парагвај со 2-0 во сетови (6:2 и 6:0). Ѓорческа освои речиси двојно повеќе поени од ривалката 51:26.
Во следното коло четвртфиналето таа ќе игра против осмата носителка Менди Вагемејкер од Холандија.
За разлика од Ѓорческа, Јотовски имаше далеку потежок меч на турнирот во Сокобања и пласман во второто коло обезбеди откако при резултат 1-1 во сетови (1:6 и 6:4), неговиот ривал Домагој Биљешко од Хрватска го предаде мечот.
Во второто коло Јотовски (4.носител) ќе игра против македонскиот тенисер Стефан Мицов.
Ѓорческа и Јотовски попладнево ќе играат и мечево во конкуренција на двојки.