Македонскиот тенисер Томислав Јотовски со победа го почна настапот на новиот фјучрс турнир во Анталија (награден фонд 10.000 долари). Тој денеска во меч од 1.коло го победи Глеб Алексенко од Украина со 6:4 и 7:6 (7:3) во сетови. Во следното коло нашиот тенисер ќе игра против првиот носител на турнирот Шпанецот Хавиер Марти, кој денеска во мечот од првото коло со сонародникот Бруно Мардонес загуби само два гема (6:0 и 6:2). Инаку, Марти го освои претходниот фјучрс што се играше во Анталија.
Јотовски на овој фјучрс ќе игра и во конкуренција на двојки каде со Дује Делиќ од Хрватска во првото коло ќе играат против италијанските тенисери Раул Бранкачио и Алесио Џануци. Овој меч се игра утре.
На турнирот во двојки настапи и Бесир Дургути кој заедно со Гокберк Ерденеман од Турција загубија од првите носители Томислав Бркиќ (БиХ) и Антун Видак (Хрватска) со 6:2 и 6:4 во сетови.
Од македонските тенисери настапот на фјучрсот во Кувајт го заврши Стефан Мицов. Тој во првото коло ги загуби мечевите и во поеднинечна конкуренција и во конкуренција на двојки.