Пет победи во исто толку натпревари и заслужено освоен златен медал е епилогот од настапот на пионерската селекција на МЗТ Скопје Аеродром на силниот меѓународен „Триглав куп 2016“, кој викендов се одржуваше во организација на аеродромци како дел од прославата на 50-годишнината од формирањето на клубот.
МЗТ Скопје Аеродром во финалете го совладаа бугарскиот претставник Балкан (49-47) во меч кој беше интересен, квалитетен и до крај возбудлив и неизвесен. Избраниците на тренерот Митко Маринковски подобро се снајдоа во финишот од средбата и сосема заслужено дојдоа до посакуваниот триумф.
Претходно „сино-белите“ ги победија Академија Актавис од Лесковац, Плеј 017 од Бујановац и Буба баскет од Софија во прелиминарната фаза како и македонскиот тим Јуниор во полуфиналето.
Екипата на Јуниор е освојувач на бронзениот медал откако во малото финале го совлада Актавид Академија со 58-56.
Покрај победничкиот пехар, во таборот на МЗТ Скопје завршија уште неколку индивидуални признанија и тоа кај Рубин Стефанов, кој беше прогласен за најкорисен МВП-играч, а заедно со Ненад Благоевски се најде во најдобрата петорка на „Триглав купот 2016“. Тео Војновиќ доби награда за тим лидер во таборот на аеродромци додека Лазар Тасиќ од Актавис Академија беше најдобар стрелец.
Екипите учеснички се договорија дека ова нема да биде издание на овој Балкански куп, а речиси сигурно е дека следното издание ќе се одржи в година во бугарски Ботевград во организација на вицешампионот Балкан.