Француската групација „Пежо-Ситроен“ (ПСА) денеска соопшти постигнала договор со американската компанија „Џенерал Моторс“ (ГМ) за преземање на нејзината европска филијала, јави дописникот на МИА од Париз.
Во соопштението се посочува дека со договорот француската групација од ГМ ги презема „Опел“ и неговата сестринска марка „Воксал“ за сума од 1,3 милијарди евра. Со договорот ПСА го презема и погонот за дизајн на ГМ во Европа.
Од вкупната сума ПСА ќе исплати 670 милиони евра во готово, а остатокот од 650 милиони евраќе биде надоместен со емисија на акции. ПСА соопшти дека очекува целата трансакција да биде завршена до крајот на 2017 година.
– Купопродажбата ги вклучува сите автомобилски активности на „Опел/Воксал“, кои ги вклучуваат истоимените марки, шест фабрики за монторање, пет погони за производство на делови, инженеринг центарот во Риселсхајм во Германија и околу 40.000 вработени, се наведува во соопштението на ПСА.
Со договорот се предвидува од европската филијала ГМ да го задржи само центарот во италијанскиот град Торино.
– Покрај ова, „Опел/Воксал“ ќе ги корсти патентите и лиценците за интелектуална сопственост на ГМ, се до постепено прилагодување на нивните возила на платформите на ПСА во наредните години, додава францускиот производител на автомобили.
ПСА се надева дека до 2020 година „Опел“ ќе почне да работи профитабилно, имајќи предвид дека од 1999 година германската компанија оставрува загуби.
Со оваа аквизиција, ПСА станува неприкосновен втор по големина производител на автомобили во Европа. На своите 3,15 милиони нови возила регистрирани во 2016 година, ПСА сега ќе може да ги придодаде и 1,2-те милиони продадени возила на „Опел/Воксал“, со што ќе поседува 16,3 проценти од уделот на автомобилскиот пазар во ЕУ.
ПСА сепак останува далеку зад „Фолксваген“ кој учествува со 24 отсто на европскиот автопазар.
Заедно со купувањето на „Опел“ и „Воксал“, ПСА во партнерство со француската банка „БНП Париба“ ја купува и финансиската филијала на „ГM Европа“ за 900 милиони евра.