Бразилската фудбалска легенда Пеле изјави оти е подготвен за „90 минути плус продолженија“, откако го напушти одделот за интензивна нега во болница во Сао Паоло по операцијата со која му беше отстранет тумор.
Осумдесетгодишниот трикратен светски првак со Бразил беше хоспитализиран во болницата „Алберто Ајнштајн“, откако при рутински преглед му беше дијагностициран тумор на дебелото црево.
-Пријатели мои, ова е порака до секој од вас. Немојте ниту за момент да помислите дека не сум ги прочитал илјадниците пораки полни со љубов, кои ги примив тука, објави Пеле од болничкиот кревет на Инстаграм.
– Големо благодарам до сите вас, кои одвоивте минута од вашиот ден за да испратите позитивна енергија. Љубов, љубов и љубов! Веќе ја напуштив интензивната нега и се наоѓам во својата соба. Го продолжувам секој ден сè посреќен и расположен за игра „90 минути плус продолженија“. Наскоро повторно ќе бидеме заедно, порача преку социјалните мрежи еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.