Оскар Писториус ќе биде префрлен во домашен притвор

Од:

Јужноафриканскиот параолимпиец Оскар Писториус, кој е осуден за ненамерно убиство на неговата девојка, во вторник ќе биде префрлен од затворот во Преторија во домашен притвор, соопшти денеска Комисијата за жалби на Јужна Африка.

Минатата година, Писториус беше осуден на пет години затвор за ненамерно убиство на Рева Стенкамп.

Трагичниот инцидент се случи во неговата вила во Преторија во февруари 2013 година, на празникот на вљубените.

Тој ја застрелал девојката пукајќи од својот пиштол низ затворената врата на бањата, не знаејќи дека таму се наоѓа Стенкамп. Во текот на судењето тој тврдеше дека мислел оти во бањата се крие некој провалник.

Јужноафриканското обвинителство кое од почетокот тврди дека станува збор за смислено убиство, не се согласи со квалификацијата на делото и со казната, па поднесе приговор, а падоцна и жалба на пресудата.

Расправата за жалбата на обвинителството е предвидена за 3 ноември. Доколку жалбата биде прифатена и процесот биде обновен, Писториус би можел да биде казнет и до 15 години затвор.
Во август годинава тој требаше да биде префрлен во домашен притвор, но тогашната одлука на Комисијата за жалби беше блокирана од Министерството за правда со образложение дека е „преуранета“.

Писториус кој помина една година во затвор, во домашен притвор ќе биде под специјален надзор и ќе има низа ограничувања. Единствено ќе може да продолжи со започнатата психотерапија.

Тој беше спортски херој на Јужна Африка, бидејќи со двете ампутирани нозе до коленици, трчаше со специјални протези, Писториус се натпреварувеше на лондонските параолимписки игри во 2012 година, каде освои златен медал, но и на Олимпијадата истата година.

Би можело да ве интересира

Оскар Писториус излегува на слобода

Катерина Ѓуровски

Писториус префрлен во друг затвор

Ана Ололовска

Можно условно ослободување за Оскар Писториус

Ана Ололовска

Писториус повреден во затворска тепачка

Ана Ололовска

За повеќе од двојно зголемена затворската казна за Писториус

Наум Локоски

Оскар Писториус се повредил во затворскаата ќелија

Емир Латифовиќ