Околу 6.000 учесници од 47 држави на Виз Ер Скопскиот маратон 2014

Од:

Повеќе од шест илјади учесници од 47 држави ќе учествуваат на 10-от Виз Ер Скопскиот маратон 2014, што ќе се одржи в недела. Ќе бидат реализирани трката на пет илјади метри, која има хуманитарен карактер, полумаратонот и главната трка маратонот на 42.195 метри. Стартот на сите трки е во 9 часот на плоштадот „Македонија“.

Годинава промотор на маратонот е светскиот рекордер, Кениецот Вилсон Кипсанг кој пристигнува вечерва во Скопје и ќе биде вклучен во активностите и следните два дена.

За најмладите утре е предвиден Colgate мини маратон со почеток во 11 часот. Ќе учествуваат повеќе од 600 деца од основните училишта. Децата ќе трчаат 600 метри на потегот од Музејот на ВМРО, преку Камениот мост, а целта ќе биде на плоштадот „Македонија“. Во орагнизацијата на мини маратонот ќе учествуваат деца со Даунов синдром, од Здружението „Трисомија 21“ предводени од клубот Ескрим, кои ќе добијат и донација-спортска опрема од Colgate. Кипсанг ќе им ги подели медалите на победниците во детскиот Colgate мини маратон.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски истакна дека го поддржуваат маратонот со 1,5 милиони денари, а на располагање се и сите јавни претпријатија.

Според него, Скопскиот маратонот е најмасовна и најафирмирана спортска манифестација под покровителство на Град Скопје. Покрај спортската, ја нагласи културната, економската и туристичка димензија на маратонот за афирмација на главниот град и за Македонија. Ги повика скопјани да излезат и да ги поддржат учесниците на маратонот.

Кире Синадиновски од Сојуз на спортови на Скопје информира дека со цел да ги мотивираат скопјани за да излезат и да ги бодрат натпреварувачите, организирале два конкурси – за најдобра фотографија и за најдобар транспарент.

Годинава ќе се натпреваруваат четворица Кенијци и две Кенијки, натпреварувачи од Романија, Унгарија, Италија…

– Како и секоја година, Виз Ер Скопскиот маратон ќе биде и државно првенство во маратон, кој го организираме заедно со Атлетската федерација. Ќе настапат сите македонски маратонци и очекуваме убав спортски настан, потенцира Синадиновски.

Градоначалникот Трајановски од организаторите доби подарок маичка и реден број 1, иако нема да учествува на Скопскиот маратон.

За маратонската и полумаратонската трка ќе има парични награди, а за трката на 5.000 метри стокови награди. Првите три парични награди во маратонот во машка и женска конкуренција зависат од постигнатиот резултат. За рекордот на патеката на маратонот следува дополнителна награда од 300 евра.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух