Повеќе од 120 атлетичари од целиот свет, меѓу кои дваесеттина жени, пријавија учество на 31-от по ред Охридски атлетски маратон што задутре ќе се трча на 30-километарската патека од Свети Наум до Охрид.
За првпат оваа година покрај главната маратонска трка ќе се трча и рекреативна „Трка на независноста“, во знак на одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
Организацискиот одбор на Охридскиот атлетски маратон на состанокот одржан минатиот месец донесе одлука маратонската трка да го носи името на починатиот професор по физичко воспитување и долгогодишен спортки атлетски работник од Охрид Влатко Димитров. Димитров беше еден од главните инцијатори за возобновувањето на Охридскиот атлетски маратон после десегодишната пауза настаната од осамостојувањето на Република Македонија.
Инаку, маратонот во Охрид се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак и со исклучок на 2011 година се одржува секоја година на празникот на независноста на РМ.
Рекордот на трката го држат кениските маратонци Абел Кибет Роп (1:34:58) во машка и Ребека Џепширшир Корир (1:48:12) во женска конкуренција.