УО на ФФМ на својата седница на ден 32.12.2016 донел Одлука за одржување на Редовно Генерално Собрание на ФФМ на ден 18.02.2017 година. Зошто толку брзање од страна на ФФМ за тајмингот на своето Собрание оставаме јавноста да процени, ние не сакаме ништо да шпекулираме, велат од Општинскиот Фудбалски Сојуз – Тетово.
„По оваа нивна одлука се одржа УО на ОФС Тетово при што се одреди 03.02.2017 година за одржување на Редовно Генерално Собрание на ОФС Тетово.
Меѓутоа, комисијата за избор при ФФМ достави своја Одлука до ОФС Тетово со која не известува дека крајниот рок за доставување на делегатски листи и останати предлози за генералното собрание на ФФМ е 29.01.2017 година.
За да не остне без свој претставници, ОФС Тетово одржа итна седница на 05.01.2017 година и го помести датумот за 25.01.2017 година, на која беа присутни 7 од 9 члена,а претседаваше Претседателот на ОФС Тетово, Борче Мирчески“, стои во соопштението на ОФС Тетово.
Од таму велат дека сите биле запознаени и им бил даден рок да достават свои делегати, а на 20.01.2017 година биле усвоени бројот на делегати во Собранието на ОФС Тетово, кандидатурите за претседател, а на крајот на седницата, Аднан Идризи дал неотповликлива оставка од сите функции во ОФС Тетово, која Мирчески ја прифатил, како и дека за сето тоа постојат докази и истите се подготвени да ги дадат на увид во секое време.
Во соопштението стои дека на 25 месецов, на редовното генерално собрание на ОФС Тетово биле присутни половина од делегатите, меѓу кои биле делегатите од најпознатите клубови и на истото биле донесени одлуки меѓу кои и кандидатурата на Јонуз Мирсад за претседател на ФФМ, што според нив, оваа кандидатура им пречи на некои структури на ФФМ, па сакаат по секоја цена да го успорат нивното собрание и да ја оспорат кандидатурата на Мирсад.
„Собранието на ФФМ без претставници од ОФС Тетово ќе биде нелегитимно. Сите подоцнежни последици ќе ги сноси УО на ФФМ и Комисијата за избори при ФФМ. ОФС Тетово веќе стапи во контакт со УЕФА/ФИФА и Етичкиот комитет на ФИФА и истите се запознаени со случувањата во Собранието на ФФМ. ОФС на Тетово ќе побара УЕФА и ФИФА да врши инспекција за одржаните Генерални Изборни Собранија на сите 26 Општински Фудбалски Сојузи“, велат од ОФС Тетово.