Репрезентациите на Македонија до 20 и до 18 години, синоќа во салата на КК Вардар одиграа меѓусебен натпревар, каде во тесна завршница победа од три поени разлика прославија повозрасните.
Денеска избраниците на Врбица Стефанов и Саша Димитријевиќ, двете селекции ќе одиграат уште една средба како дел од уводот за подготовките за летните Европски првенства.
Целта на овие уводни тренинзи и натпревари на двете наши највозрасни младински репрезентации е подоброто запознавање и воигрување на кошаркарите уште во оваа рана фаза, за поподготвени да им пристапат на континенталните предизвици кои ги очекуваат летово.
Двајцата селектори – Врбица Стефанов на репрезентацијата до 20 години и Саша Димитријевиќ на селекцијата до 18 години, играа со доста ротации, давајќи шанса на сите играчи во тимот, кои синоќа одиграа квалитетен натпревар во кој не недостасуваше ниту атракција, ниту квалитет, ниту неизвесност.
Се играше борбено во текот на сите 40 минути, а и покрај тоа што селекцијата до 20 години во поголемиот дел од натпреварот имаше двоцифрена предност, репрезентативците до 18 години со добра игра во завршницата успеаја резултатски комплетно да се вратат во мечот и да донесат интересни последни минути.
Македонија У20 поведе со 3 поени разлика, а откако Македонија У18 не го искористи последниот напад на мечот, повозрасните прославија победа.