Машката сениорска репрезентација на Македонија одигра солиден меч на гостувањето во Клаипеда против Литванија, но недоволно за да стигне до изненадувањето – пораз од 94-72.
Маестралната игра на Ненад Димитријевиќ со 43 поени беше енигма за домаќините, но за успех требаше многу поголем ангажман на неговите соиграчи.
Водевме на полувремето со 46-43, беше изедначено и на почетокот од последниот период. Но, се повреди Димитријевиќ, Литванците го искористија тоа и дојдоа до победа од дури 22 разлика, беше 94-72 за нив.
Сепак немавме ниту еден друг кошаркар со двоцифрен број на поени, Крстевски, Маслинко и Стајиќ постигнаа по шест.
За Македонија шансите не се загубени благодарение на Полска која со 88-86 ја совлада Естонија. По четири одиграни кола во групата „Х“, Македонија сега е на скор (1-3), па во февруари, наредната година, следува разврската за пласман на Европско првенство 2025 година.
Во последните два меча од квалификациите мора Македонија да ги победи Полска и Естонија, со Естонците ќе мора и кош разликата да биде подобра, ја совладаа нашата селекција во Скопје со 5 поени разлика.