Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави предлог според кој што на Светското Првенство во 2026. година, наместо 32 репрезентации, би учествувале 48, а бројот на тимови од Европа би се зголемил од 13 на само 16.
Предлогот е составен од Одборот за проширен турнир на Светско првенство, а конечната одлука треба да ја донесе Собранието на ФИФА во Бахреин во Мај.
Европа би учествувала со шеснаесет репрезентации, Африка со девет, Азија осум, Јужна Америка шест, КОНКАФ зоната (Северна и Централна Америка) со шест и Океанија со една репрезентација.
За преостанатите две места би се бореле шест репрезентации на турнир кој што ќе го организира домаќинот на Светското Првенство. На тој турнир нема да има претставници од Европа, а конфедерацијата на домаќинот на СП ќе даде два претставници, додека останатите по еден. Исто така, домаќинот на Светското Првенство автоматски ќе се пласира, а конфедерацијата од која што доаѓа ќе има едно место помалку на СП.
Овој предлог наиде на разочарување кај челниците на УЕФА, бидејќи Европа добива најмалку од овој нов предлог, додека најмногу причина за незадоволство има и Јужна Америка која добива само едно место повеќе од досегашните.
На завршниот турнир 48. репрезентации ќе бидат поделени во 16 групи со по три тимови. Во нокаут фазата ќе се пласираат по две екипи од секоја група, односно 32 тимови.
На досегашните првенства од Европа се пласираа по 13 репрезентации, од Африка 5, Азија даваше 4 учесници, Јужна Америка 5, а КОНКАФ 3. Уште 2 тима доаѓаа од интерконтинентални квалификации (двобој на претставници од КОНКАФ зоната и Океанија, како и Јужна Америка и Азија).