По повод 14-ти Ноември, Светски ден на дијабетесот, Бојан Киров, кој има дијабетес тип 1, ќе се обиде пет пати да го искачи врвот на планината Водно (1060), со што ќе им посвети по еден метар на секое дете и возрасен со тип 1 дијабетес, чиј број во државава изнесува 5000.
Подвигот ќе почне во 7 часот на 14 ноември со поаѓање од фонтаната кај полициска станица Водно. Искачувањето ќе се одвива пет пати во текот на денот. При секое искачување, предвидено е три лица да го придружуваат Бојан Киров, на безбедно растојание од два метри.
На врвот ќе биде стациониран медицински тим кој ќе се грижи за здравјето и безбедноста на Бојан и неговата придружба. Медицинскиот тим го сочинуваат: д-р Катерина Адамова, субспецијалист ендокринолог, која ќе ја следи состојбата и варијациите на гликемијата во текот на акцијата, д-р Александар Манолев, специјалист интернист, кој го следи тренажниот процес на Бојан Киров и ќе ја следи неговата здравствена состојба со соодветна медицинска опрема за контрола на пулсот и притисокот и д-р Елена Манолева Николовска, специјалист педијатар.
Цели на проектот се подигање на свеста за дијабетесот, запознавање со дијабетесот и со лицата кои живеат со него, разбивање на стигмата за дијабетесот и начин и стил на здрав чивот – движењето и планинарењето како превенција од дијабетесот, изработка на видео материјал и резултати од мерењата на гликемијата и работата на срцето, кои ќе бидат претставени на работилници кои ќе се организираат идната година преку организирани настани (во живо или преку webinari) и мотивација на лицата со дијабетес да почнат со физичка активност, секој во рамки на своите можности.
Подвигот на Бојан е негова иницијатива, а се остварува во соработка со „Здружение на дијабетичари Тетово“.
Според последните статистички податоци, во државава се регистрирани 123.750 лица со дијабетес. Од нив приближно 40.000 се на инсулинска терапија. Дијабетес тип 2 имаат 35.000 лица, а тип 1 дијабетес имаат 5.000 лица, од кои 500 се деца на возраст до 14 години. Токму на овие 5.000 лица, Бојан Киров ќе им посвети по еден метар од предизвикот „5000 метри за 5000 лица со Т1Д“, информираат од Здружението за едукација, советување и грижа на лица со дијабетес – Т1Д.