Шестата генерација на „Фолксваген Поло“ премиерата ќе ја има во септември на авто-салонот во Франкфурт, дознава магазинот „Autocar“.
Во однос на актелната генерација, „Поло VI“ ќе ја користи новата механичка платформа MQB A0 и ќе има изменет систем за потпирање и унапредена палета мотори, наведува магазинот.
Кога станува збор за надворешните димензии, новиот „Поло“ ќе биде малку подолг и поширок од претходникот, но и полесен.
Иако се очекува популарниот модел на „Фолксваген“ од „Б“ сегментот да има еволутивен дизајн во однос на актуелната верзија, новата генерација ќе добие подинамичен изглед и рестилизирани фарови.
За разлика од сестринската „Сеат Ибица“, што светска саемска премиера имаше на салонот на автомобили во Женева, на почетокот на март, а која е достапна само во верзијата со пет врати, новиот „Поло“ ќе има и варијанта и со три врати.
Со оглед на фактот дека „Фолксваген“ планира на купувачите подоцна да им понуди и нов мал СУВ врз основа на „Поло“, неизвесно е дали шестата генерација ќе има и „Крос“ модел.
Што се однесува до моторот, се очекува „Фолксваген“ да го замени стариот 1.4 ТСИ со нов 1.5 ТСИ мотор, што се произведува во опциите со 130 кс и 150 кс. Основната варијанта ќе ја придвижува трицилиндерскиот 1.0 бензинец на „Фолксваген“, што е достапен во варијантите со 65 кс, 75 кс, 95 кс и 115 кс.
Дизел моделот сила ќе добива од унапредениот 1.6 ТДИ агрегат, во повеќе верзии. Се шпекулира и дека во врвот на понудата ќе се најде „Поло ГТИ“ со 2.0-литарски ТСИ мотор, што развива над 200 „коња“.