Најмладиот македонски репрезентативец во историјата, Кристијан Николов од денеска е нов член на МЗТ Скопје, откако потпиша едногодишен договор со клубот од Аеродром.
Николов (22) со 18 години дебитираше и во Евролигата како играч на Галатасарај, а претходно, со 15 години, осум месеци и девет дена настапи во дресот на Македонија на средба против Русија во 2012 година.
Плејмејкерот во таборот на гигантот од Истанбул замина во 2014 година и се задржа во следните две сезони, по што мина извесен период во екипите на Јесилгиресун (во два наврати), Трабзонспор и Истанбул ББ. Минатата сезона ја одигра во дресот на Петким.
По задржувањето на Андреј Маслинко и Андреј Магдевски во Аеродром, МЗТ уште еднаш ја потврдува определбата за ангажирање на најталентираните кошаркари, кои преку „сино-белиот“ дрес би стекнале драгоцено искуство, што секако би било од бенефит и за македонската кошарка во целост, соопштуваат од клубот.
Покрај нив тројца, во моментов под договор со МЗТ Скопје Аеродром се уште и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ.