Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го направија најголемиот пресврт сезонава во регионалната АБА лига и успеаја да дојдат до победата над Левски, иако бугарскиот шампион во еден момент имаше предност од 19 поени. До конечните 72:61 (6:16; 16:20; 19:18 и 31:7) аеродромци стигнаа со одлична игра во финишот на третата и цела последна четвртина.
За македонскиот шампион ова беше четврта победа во 11 натпревар од АБА лигата и трета пред своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“.
Левски го контролираше резултатот три четвртини, водеше во третиот период и со 50:31, но домаќинот со извонредна игра во последните 13 минути, најпрво изедначи на 56:56, а потоа го презема водството и стигна до очекуваната победа над тимот со најслаб биланс во регионалното натпреварување.
Најефикасни во МЗТ Скопје беа Дион Диксон со 16, Марко Симоновски со 14 и Александар Цветковиќ со 12 поени.
Во бугарскиот состав се истакна Христо Захариев со 15 поени.
МЗТ Скопје со оваа победа се искачи на 10.место, додека Левски со само една победа и 10 порази остана последен на 14. место.
На другите три досега завршени натпревари од 11.коло постигнати се следниве резултати: Олимпија – Шолнок 79:61, Крка – Будуќност 81:90 и Игокеа – Цибона 61:71.
Вечерва играат Партизан – Мега Визура, а утре се среќаваат Цедевита – Задар и Металац – Црвена Звезда.
Табела: Будуќност 10-1 (победи – порази), Црвена Звезда 10-0, Унион Олимпија 7-4, Цедевита 7-3,…