Во согласност со новите трендови и „Ауди“ се обидува на вработените да им обезбеди пријатен простор во рамки на фабричкиот погон во кој можат да се одморат и релаксираат за време на паузата.
Големите компании сакаат нивните работници да бидат задоволни за да бидат мотивирани одговорно да ги извршуваат своите работни задачи.
Еден од начините тоа да го постигнат е да им обезбедат подобри услови за работа, но и за одмор и релаксација за време на паузата.
Вработените во производните погони на автомобилските компании работат во тешки услови, па важно е да можат барем накратко да се изолираат од работното опкружување.
„Ауди“ за своите работници во германските фабрики дизајнираше посебни модуларни простории за одмор.
Иако се наоѓаат во фабричките хали, овие соби, што примаат од осум до 12 вработени, нудат привремено засолниште од погонот и машините со кои работниците се опкружени по цел ден.
Изгледот на просториите е осмислен во соработка со Одсекот за обликување на дрво и дизајн ентериери на Факултетот за применета уметност во Росенхајм.
Во светлите и модерно дизајнирани соби за одмор, работниците имаат на располагање различни соддржини, вклучувајќи и чајна кујна и микробранова рерна.
Во германските фабрики на „Ауди“ во Инголштат и Некарсулм се вработени 27.000 работници.