Иако неoдамна ја отфрли можноста погонот на сите четири тркала да се најде во „М“ моделите, шефот на спортското одделение на „БМВ“,
Фридрих Ничке, во меѓувреме го промени мислењето. Уште во февруари Ничке изјавуваше дека „БМВ М-Техник“ ќе продолжи да развива автомобили исклучиво на заден погон. Како причина беше наведено дека вградувањето хДрајв систем ќе ги оптовари автомобилите со дополнителни 80-90 килограми и на тој начин ќе ги ослабне нивните перформанси. Меѓутоа, се чини дека во „БМВ“ се предомислија, а интересно е дека како причина за ваквиот пресврт се наведува искуството на најголемиот ривал, одделението АМГ на „Мерцедес“.
Имено, во разговор за сајтот „Моторинг“ Ничке забележа дека од вкупниот број продадени „Мерцедеси Е63 АМГ“ на американскиот пазар, 70 до 80 отсто отпаѓа на авомобилите со погон на сите четири тркала.
– Размислуваме одделни „БМВ М“ модели да ги понудиме во верзии со хДрајв погонски систем, но не очекуваме дека таквата идеја ќе се реализира пред на пазарот да се појават наследниците на актуелните верзии „М5“ и „М6“, рече Ничке.
Од друга страна, помалите модели, како што се „БМВ М3“ или „БМВ М4 Купе“, и натаму ќе се произведуваат исклучиво како автомобил со заден погон. Ничке објасни дека хДрајв ќе биде достапен како опција, бидејќи смета дека големо мнозинство купувачи на „М“ моделите и натаму се наклонети на задниот погон.