Помина речиси една година откако беше претставен суперлуксузниот концепт „Мерцедес-Мајбах 6“ , а на претстојниот „Конкурс на елеганцијата“, во калифорнискиот Пебл Бич, германскиот производител ќе пристигне со уште еден ексклузивен автомобил.
„Мерцедес“ објави нови рендери со кои ја поттикна фантазијата кај љубителите на луксузни автомобили. Се верува дека возилото, чиј идентитет се уште не се соопштува, е суперлуксузниот кабриолет „Мерцедес – Мајбах 6 Конвертибл“, што се надоврзува на минатогодишното ексклузивно купе.
За разлика од концептот купе, од 2016 година, што беше обоен во специјална нијанса на црвена, новиот автомобил со амблемот на „Мајбах“ пристигнува во сина боја. Димензиите и пропорциите треба да бидат слични како кај купето, чија должина изнесува околу шест метри.
Рендерот го открива и дизајнот на воланот и дел од таблата за инструменти, што, исто така, личат на оние од кабината на минатогодишниот „Ме3рцедес-Мајбах 6“.
Се очекува и погонските агрегати да бидат преземени од споменатото купе. Во тој случај, автомобилот ќе го придвижуваат четири електромотори со вкупна сила од 750 кс, а од 0 до 100 километри на час возилото ќе забрзува за околу четири секунди.
Повеќе детали ќе бидат познати во следните денови, бидејќи премиерата е најавена веќе за 17 август.