Охрид наредиот период ќе биде домаќин на повеќе спортски настани, поточно неколку кошаркарски манифестации од меѓународен карактер.
Месецот на кошарката во почнува утре со подготвителниот репрезентативно-сениорски турнир, на кој покрај националната екипа на Македонија уште учествуваат сениорските репрезентации на Израел и на Украина.
Натпреварите на турнирот ќе се играат во вечерните часови со почеток од 20:15 часот и тоа утре натпреварот Македонија – Израел, задутре Израел – Украина и в недела Македонија против Украина. Натпреварите ќе се играат во Спортската арена „Билјанини Извори“, а влезот за еден натпревар изнесува 100 денари.
Месецот на кошарката покрај кошаркарскиот турнир предвидува уште два настани, манифестации насочени кон промоција и афирмација на кошарката како врвен спорт, но и на Охрид и Република Македонија како домаќини на спортски манифестации.
Првиот настан е поврзан со промотивните активности на Полска како држава-домаќин на престојното сениорско Европско првенство во кошарка, додека вториот настан е одржувањето на Европското првенство за кадетки во кошарка – Б дивизија.