Дури тројца славни италијански дизајнери се родени во летото 1938 година – Џорџето Џуџаро, Леонардо Фиораванти и Марсело Гандини. Кога Џуџаро, во 1965 година, ја напушти дизајнерската куќа Бертоне, го наследи токму Гандини, кој го довршува автомобилот, кој ќе стане основач на категоријата суперавтомобили – „Ламборгини Миура“.
Често атрибутирана на едниот или другиот мајстор, „Миура“ е, најверојатно, совршена комбинација на основниот облик на Џуџаро и деталната стилизација на Гандини. Марсело потоа дури 14 години остана кај Бертоне, давајќи го својот придонес и печат на автомобилискиот дизајн на 70-ите.
Генијалниот дизајнер засекогаш останува во автомобилската историја запишан како творец на суперавтомобили, меѓу кои се и „Ламбогини Коунтач“ и „Диабло“, а беше познат и по своите клинести креации – Fiat X1/9 и Lanciа Stratos.
Покрај суперавтомобилите, во неговиот опус наидуваме и на секојдневни возила, како што се првиот BMW серија 5, Citroën BX, Fiat 132, Innocenti Mini и втората генерација на Renault 5.
Конкретна иновација која се припишува на овој дизајнер се врати ножички, прв пат прикажани на концептот Alfa Romeo 33 Carabo, кои подоцна стануваат неизоставен дизајнерски дел на суперавтомобилите, посебно на „Ламбо“.
Гандини и денес се занимава со автомобилски дизајн, но ги избегнува собирите на класични автомобили, салони и воопшто сите места каде се говори за неговите некогашни дела, бидејќи е во потполност фокусиран на своите сегашни и идни активности на ова поле.
Извор: Високи Октани