Кошаркарската репрезентација на Македонија ја совлада Австрија на контролниот пријателскиот натпревар одигран во Охрид.
Во вториот натпревар од меѓународниот турнир „Охрид 2014’’ чии средби се играат во салата „Билјанини Извори’’ македонските кошаркари славеа победа со 98:71 благодарение на одличната игра во втората четвртина која ја добија со десет поени разлика 25:15.
Иако со видно изменет состав Македонија сепак беше пресилна за Австрија, а до првата победа во подготвителниот дел од квалификациите за ЕП 2015 година „црвено-жолтите„ ги предводеа Бојан Трајковски со 20 поени и Војдан Стојановски кој придодаде 17 (4 од 4 за три поени).
Новото засилување на нашата репрезентација Ричард Хедрикс на теренот мина 16 минути и 38 секунди за кои оствари учинок од 4 поени и 6 скокови.
Во првиот натпревар од овој турнир Грузија беше подобра од Романија со 83:71.
Утре репрезентацијата на Македонија за противник ќе ја има Романија во натпреварот кој ќе започне од 20:30 часот, а во првиот дуел од 18 часот ќе играат Грузија – Австрија.