Џудо Федерацијата на Македонија осма година по ред ќе биде дел од глобалното одбележување на Светскиот ден на џудото, кој традиционално се прославува на 28-ми октомври, роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано. По овој повод, Џудо федерацијата на Македонија во недела, 28-ми октомври, ќе организира настан на кој заеднички ќе тренираат и ќе ги претстават своите вештини џудисти од повеќе македонски џудо клубови.
Идејата за заедничкиот настап на џудистите од македонските клубови е во согласност со овогодинешната тема за Светскиот ден на џудото – Пријателство. Годинашната тема е само продолжение на кампањите преку кои се промовираат вредностите кои ги носи џудото, како што се чест, истрајност, џудо за сите, почит… Овој ден е посветен на сите љубители на џудото, на тренерите, џудистите, како и на сите оние кои со страст, посветеност и љубов го тренираат и промовираат овој олимписки спорт.
Денес, повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот секојдневно тренираат џудо, а бројот на оние кои практикуваат џудото во Македонија и во светот постојано се зголемува. Меѓународната Џудо Федерација на Џудо брои 200 земји-членки.
Иако џудото е боречки спорт, секојдневно, за време на тренинзите, натпреварите, како и секој 28 Октомври, на татамите и надвор од нив, ние џудистите докажуваме дека „џудото е повеќе од спорт“, дека преку џудото е можно да се живее заедно, во единство и пријателство, и што е најважно со почит едни спрема други.
Одбележувањето на Светскиот ден на џудото ќе се оддржи во недела, 28-ми октомври, во спортската сала „Македонско сонце“ при основното училиште „11 Октомври“ во Скопје со почеток од 12 часот, а на истото освен вљубениците во џудото се очекуваат да присуствуваат и високи претставници на државниот естаблишмент, амбасадори, бизнисмени и останати гости.