Кошаркарите на Макаби ја освоија титулата европски шампион откако синоќа во финалето на „фајнл фор“ турнирот во Милано го победија Реал Мадрид. Победникот беше решен по продолжение кое го доби екипата од Израел со 98:86 откако во регуларниот дел беше 73:73.
Макаби ја освои 6.та титула европски првак, прва по 2005 година, додека „постот“ на Реал Мадрид трае од 1995 година. Ова е вторпат победникот во финалето да биде решен во продолжение.
Најдобар играч на финалето беше Тајрис Рајс, кој постигна 26 поени од кои 14 во продолжението (две тројки). Рајс сосема заслужено ја доби и наградата МВП (најкорисен) на завршниот турнир, откако претходно и во полуфиналето го постигна решавачкиот кош за победа над ЦСКА Москва.
Реал Мадрид уште еднаш остана без титулата, иако во вториот период имаше предност и од 11 поени.
Во натпреварот за третото место Барселона ја победи ЦСКА Москва со 93:78.
Следната година „фајнл фор“ завршницата ќе се игра во Мадрид.