Првиот човек на регионалната кошаркарска АБА лига Роман Лисац, вчера и денеска е во Скопје, каде вечерва ќе го следи натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Задар во рамките од 2.коло на ова натпреварување.
Во изјава за МИА, Лисац не пропушти да коментира за неодамнешните пишувања на дел од грчките медиуми, кои за АБА лигата напишаа дека е еден вид „селска лига“.
– Најнапред тие треба да си ги расчистат работите пред својот праг, во својот двор, а потоа да се осврнат кон другите натпреварувања. АБА лигата во однос на грчката кошаркарска лига е како „Спејс шатл“. Ние сме сериозна лига, која покрива речиси 40-минионски аудиториум, со квалитетни кошаркари, тренери, судии. Дополнително, секој натпревар е телевизиски покриен, па така гледаноста на АБА лигата во споредба со грчката е многу, многу поголема’, изјави Лисац за МИА.
Осврнувајќи се за претстојниот настап на македонскиот првак МЗТ Скопје во ова натпреварување, првиот човек на АБА смета дека, со ангажирањето на тренерот Змаго Сагадин, МЗТ добил многу на подолг период. Изградбата на новиот дом на „Металците“ СЦ „Јане Сандански“ ќе придонесе за поквалитетни настапи на играчите, кои сега за разлика од минатите две сезони кога играа во арената „Борис Трајкоски“ се навистина на свој терен, поддржани од бројните симпатизер.
– Она што го направи господинот Сергеј Самсоненко, а со безрезервна поддршка на градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, е за голема почит. На условите кои ги има во оваа арена, може да им позавидат голем број клубови, градови па и земји ако сакате. Тие ќе придонесат и за развој на идни кошаркарски ѕвезди, завршува Лисац.