Една од најголемите ѕвезди во НБА лигата во изминатите децении, Винс Картер, објави денес дека се повлекува од активно играње кошарка, по 22 сезони поминати во најквалитетната кошаркарска лига во светот.
43-годишниот Картер, кој изминатите десетина сезони ги помина во разни клубови како играч од клупата, ја соопшти одлуката за време на подкаст, велејќи дека „официјално завршил со професионално играње кошарка“.
Легендарниот кошаркар уште лани, кога потпиша едногодишен договор со тимот на Атланта Хокс, објави дека тоа ќе му биде последната сезона во НБА.
Откако НБА во март објави дека сезоната 2019-20 се прекинува поради пандемијата со коронавирусот, осумкратниот ол-стар играч досега не се изјаснуваше за својот играчки статус.
Картер е 19-ти играч во историјата на НБА според бројот на постигнати поени, а тој беше прогласен за дебитант на годината во 1999 г. Просекот во кариерата му е 16.7 поени, играше за вкупно осум тимови, а најдобрите денови ги имаше во Торонто и во Њу Џерси.
Тој се смета за еден од најдобрите забивачи во историјата на кошарката, а го освои натпреварот во забивање на ол-стар викендот во 2000 г. Тој влезе во историјата на НБА и оваа сезона, кога стана првиот играч во лигата кој играл барем еден натпревар во четири различни децении.