Кошаркарите на Куманово забележаа победа над Фени Индустри во воведниот натпревар од 16. коло на Првата македонска лига.
На средбата одиграна вечерва во Куманово домашниот тим славеше победа со 82:72, благодарение на одличната игра во последната четвртина која ја доби со 25:16.
Кај победникот, најефикасен беше Александар Костовски со 26 поени, додека Жарко Ракочевиќ постигна 20 поени.
За гостите од Кавадарци, Карло Враговиќ реализира 19 поени, а Кирил Николоски беше стрелец на 18 поени.
Во рамки од ова коло, викендов во Гевгелија двојна програма. Утре од 19 часот ќе играат Кожув – Карпош Соколи, додека в недела од 18 часот се среќаваат Бест – Работнички.
Поради настап на шампионот МЗТ Скопје Аеродром во АБА лигата и дуелот со лидерот Будуќност во понеделник во „Јане Сандански’’, последниот натпревар од 16. коло меѓу МЗТ Скопје и Струмица ќе се игра на 10 февруари.