Конгресот на ФИФА во Цирих избира денеска нов претседател на Светската фудбалска федерација, откако пред два дена американското ФБИ покрена истрага за корупција во „куќата на фудбалот„ по што полицијата во Швајцарија уапси седумина поранешни и сегашни функционери, сите од земјите на Централна и Јужна Америка и отвори истрага за 14 други.
Сите тие се обвинети дека во изминатите дваесетина години, земале поткуп и испрале пари, преку американските банки, при определувањето на организаторите на големите меѓународни фудбалски натпреварувања.
Избувнувањето на скандалот, непосредно пред гласањето за нов претседател, беше искористено од УЕФА и од нејзниот претседател Мишел Платини, да побараат од Сеп Блатер, кој веќе 17 години е на чело на ФИФА, да поднесе оставка.
Блатер одби да се повлече, ги отфрли обвинувањата за негова одговорност за скандалот со корупцијата и не прифати да се откаже денешниот Конгрес, поради новонастанатата ситуација.
Франција побара да се одложи Конгресот на ФИФА, а Велика Британија и нејзиниот премиер Дејвид Камерон побараа од Блатер да поднесе оставка.Официјална Москва, меѓутоа, застана зад Блатер, обвинувајќи ги САД дека пречекорувајќи ги овластувањата на ФБИ, надвор од Америка, настојуваат да го соборат претседателот на ФИФА, за да потоа и ја одземат на Русија, организацијата на Светско првенство во 2018 година.
За денешното гласање има само два кандидата за претседател- Сеп Блатер (79) и јорданскиот принц Али Бин ал Хусеин (39). Зад кандидатурата на Блатер застанаа сите континентални фудбалски асоцијации, а зад младиот јордански принц, мнозинството членки на УЕФА.
Во гласањето учествуваат 209 членки на ФИФА, а Блатер важи за фаворит.За победа уште во првиот круг се потребни 140 гласови, или две третини од гласовите на сите земји.
Денешниот Конгрес на Светската фудбалска федерација, како ретко кога се претвори во политички настан, во кој се гледаат денешните разлики и поделеноста на меѓународната организација.Лондонскиот неделник „Економист„ во својот најнов број отворено се определува, забележувајќи дека „САД конечно ја преземаат ФИФА„.Тоа е сосема спротивно од изјавите на африканската, азиската и америнската фудбалска организација кои тврдат дека Блатер ја има нивната подршка и се противат во мешањето од надвор.
Самиот Сеп Блатер, отворајќи го Конгресот изјави дека ФИФА се соочува со тешки времиња и побара од сите да придонесат да се надмине сегашната криза.