На „Олимпискиот Стадион“ во Киев вечерва се игра финалето на 14.то Европско првенство во фудбал – финалисти се репрезентациите на Шпанија и на Италија. И двете репрезентации досега ја имаат освоен титулата најдобар на Стариот континент.
Шпанија покрај тоа што е актуелен шампион (ЕП 2008) има триумф и во далечната 1964 година, а и пораз во финалето во 1984 година. На последните три големи натпреварувања „црвенната фурија“ нема примено гол во елиминациските натпревари, а на овој шампионат единствено Италија во натпревар од 1.коло од групата ја затресе мрежата на Икер Касиљас.
Италија вечерва ќе го игра третото финале. „Азурите“ имаат една титула од 1968 година, а финалисти беа 2000 година кога загубија од Франција.
Овие две репрезентации на 10 јуни во Гдањск одиграа натпревар кој заврши 1:1, а головите ги постигнаа Антонио Ди Натале за Италија и Цеск Фабрегас за Шпанија.
Досега на еврошампионатите заедно имаат одиграно три дуели: Шпанија – Италија 0:0 (ЕП 1980 – групна фаза); Шпанија – Италија 0:1 (ЕП 1988 – групна фаза) и Шпанија – Италија 0:0 – 4:2 пенали (ЕП 2008 – четвртфинале).
Судија на финалето од ЕУРО 2012 ќе биде Педро Проенса од Португалија.