Раководството на МЗТ Скопје Аеродром денес одлучи да ја прекине соработката со тренерот Ѓорѓи Кочов. Двете страни се согласиле дека се потребни промени во тимот. Кочов на клупата на МЗТ седна во април 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, откако неколку месеци претходно, во декември 2017 година, беше ангажиран како негов помошник.
Тој ја освои шампионската титула во 2019 година, а беше морален шампион со МЗТ Скопје Аеродром и во 2020 година, кога беше прекинато првенството. Нашиот клуб е горд што придонесе на македонската кошаркарска мапа да се појави млад и талентиран стручњак, кој во последниот циклус беше и дел од стручниот штаб на репрезентацијата. На Кочов му посакуваме се најдобро во кариерата, со надеж дека некогаш во иднина повторно ќе ни се вкрстат патиштата се вели во клупското соопштение.
Тимот од денеска ќе работи под раководство на досегашниот помошник-тренер, Дарко Радуловиќ, кој ќе ја има улогата на привремен прв тренер се до пронаоѓањето на ново име за оваа функција.