Шпанија и Хрватска вечерва решаваат за себе во групата Ц, додека „Аѕурите“ бараат победа и ќе чекаат нивните конкуренти да не одиграат 2:2.
Италија повторно стравува од реми со многу голови и по 8 години пауза пак е во ситуација да испадне непоразена уште во фазата по групи.
Секако, ова погубно сценарио за „Aѕурите“ ќе се случи само ако Хрватска и Шпанија денеска во Гдањск одиграат нерешено со многу голови, или ако Италија ремизира или загуби од Република Ирска во Познањ.
Двете средби од последното коло во Ц групата се играат во исто време од 20,45 часот. Пред стартот на разврската Шпанија и Хрватска имаат по 4 бода, Италија е со два, а Република Ирска е без бодови и единствена нема шанси да се пласира во четвртфиналето.
„Нема да има никаков пакт и секој од тимовите ќе излезе фокусиран на победата. Ние сакаме седум поени во оваа група и се подготвуваваме како пред секој друг меч“, изјави Раул Албиол, отфрлајќи какви било подготвени сценарија.
„Секако, 2:2 е еден од можните резултати во фудбалот, но едно е јасно – ние ќе излеземе за да победиме“, заврши шпанскиот дефанзивец.
Дополнителна предност за Иберијците е тоа што тие и со какво било реми ќе бидат четвртфиналисти, поради подобрата гол-разлика во вкупната табела, за разлика од Хрватите, кои, покрај тоа што не смеат да загубат, не треба да одиграат 0:0 ако сакаат да останат во игра.
Многу поизвесно од целата оваа математика е тоа дека и двата тима со победа ќе си обезбедат пласман понатаму без да зависат од некој. Сепак, тоа е многу потешко за Хрватите бидејќи Шпанија нема пораз на последните 16 натпревари.
„Тие се стравичен тим, но ние не смееме да се плашиме. Подготвени сме да ги оставиме срцата на терен, но ќе ни треба и малку среќа“, изјави Марио Манџукиќ, еден од тројцата најефикасни на шампионатот.
„Коцкестите“ немаат пораз на последните шест меча на ЕП, исклучувајќи ја елиминацијата на пенали од Турција пред четири години. Против Шпанија не играле официјален меч, а на четирите пријателски имаат два пораза, едно реми и победа во 1994.
Италијанците и Ирците во Познањ, Хрватите и Шпанците во Гдањск, ќе ги почнат натпреварите во 20:45 часот.