Компанијата „Киа“ на публиката на саемот на автомобили во Женева им ги претстави новите модели „Пиканто“ и двата Плуг-ин хибрида – „Ниро“ и „Оптима Спортсвагон“. Најголемото внимение на саемот, сепак, го привлече спортската лимузина „Стингер“.
Шест години по претставувањето на првиот ГТ концепт „Киа Стингер“ тргна во сериско производство, а во европските продажни салони доаѓа во втората половина на 2017 година.
Европската премиера следеше два месеца по глобалната премиера што беше подготвена за салонот на автомобили во Детроит, на почетокот на јануари. Оваа моќна спортска лимузина го донесува духот на легендарните модели „Гран Турисмо“ – елегантните автомобили што се возат заради уживање, а не заради брзината.
Во секој чекор од развојот на возилото целта на инженерите била „Стингер“ да биде идеален „Гран Турисмо“ автомобил во кој во возењето ќе уживаат сите пет патници, со сиот свој багаж.
Кога ќе се најде во продажба „Киа Стингер“ ќе биде достапна со следните погонски единици: 2.0-литарски турбо бензински агрегат со 255 кс и најголем вртежен момент од 353 Нм, потоа 2.2-литарски турбо дизелаш со 200 кс и 440 Нм, како и со 3.3 твин-турбо В6 мотор.
Овој агрегат произведува 370 кс и развива максимален вртежен момент од 510 Нм, а од 0 до 100 километри на час сгитнува за 5,1 секунда, што го става на прво место според забрзувањето и силата од сите сериски возила што „Киа“ досега ги произвела.
„Стингер“ ќе биде достапен со заден погон и погон на сите четири тркала, активен безбедносен систем „Drive Wise“, електронски подесувачко потпирање (Dinamic Stability Damping Control) и можност за избирање на пет модови за возење.