Вчеравечер, на плоштадот Делфина е отворен младинскиот турнир во фудбал „Пандев куп 2018“. По тој повод, во наслебата Влае, фудбалската академија Пандев организираше спортски настан за пречек на младите фудбалери од 32 екипи од Македонија, но и од земји од регионот, кои ќе се натпреваруваат во периодот 30 јули до 04 август.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев им посака добредојде на присутните и ја поздрави иницијативата на Фудбалската академија Пандев за поддршка на младинските категории во спортот.
– Примарна цел на локалната самоуправа е зголемена помош за младинските спортски таленти од Карпош. Тоа го покажуваме и со квалитетните училишни лиги кои овозможуваат натпревари меѓу учениците во текот на учебната година. Исто така, ова лето работиме и на обнова на повеќе училишни дворови кои прераснуваат во спортско – рекреативни центри (во ОУ “Петар Поп Арсов”, ОУ “Војдан Чернодрински” и ОУ “Јан Амос Коменски”). Општината доделува и финансиска поддршка на младинските школи на клубовите од Карпош, со цел спортистите да имаат тренинзи во подобри услови, рече Богоев.
Градоначалникот ја најави и изградбата на ново фудбалско игралиште на песок, на Кејот на реката Вардар, во рамки на Адреналинскиот парк.
Станува збор за игралиште со димензии од 39×35 метри и странични трибини, кое ќе биде погодно и за организирање на меѓународни турнири во летниот период.
На спортскиот настан се обрати и Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој напомена дека намерата на Владата е да се поттикне социјална интеракција меѓу младите, а новиот Закон за спорт ќе обезбеди, меѓудругото, и мапирање на талентите од нивна најрана возраст.
Главен иницијатор за организација на овој регионален спортски турнир е фудбалскиот великан Горан Пандев. Имено, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ја истакна својата благодарност до Фудбалската академија Пандев која во значаен дел придонесува за зајакнување на капацитетите на младите фудбалски таленти.
Сите присутни беа согласни дека е потребна системска поддршка во спортот.
Вицешампионот од последното Светско првенство во фудбал, Хрватска, е доказ дека и помалите земји може да се искачат на светскиот трон, со многу работа, желба, професионалност и вклученост на сите засегнати страни.