Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски со победа го почна фјучрсот во Кисељак (Босна и Херцеговина) што се игра за награден фонд од 10.000 долари.
Тој денеска во првото коло го победи Марино Алпеза (БиХ) со 2:0 во сетови. Утре во второто коло ќе игра против Данаил Тарпов од Бугарија, кој со 2:1 во сетови го доби Борут Муц од Хрватска.
Јотовски одлично го почна мечот и поведе со 5:0 во гемови во првиот сет, а сетот го доби со 6:2. Во вториот сет нашиот тенисер имаше еден брејк повеќе три наспроти два на ривалот и сетот го доби со 6:4.
Утре покрај мечот во поединечна конкуренција Јотовски ќе игра меч и во двојки од четвртфиналето заедно со Нермин Фатиќ.