Македонската кошаркарска федерација им изрази јавна благодарност на сите кошаркари кои го прифатија повикот и настапија за националниот тим на Македонија во квалификациите за учество на Евробаскетот во 2017 година.
Посебна благодарност и искрени честитки МКФ упати за ангажманот и игрите на капитенот Војдан Стојановски.
– МКФ уште еднаш им честита на сите членови на националниот тим кои два месеца посветено со голема желба и ангажираност се подготвуваа и настапија во националниот дрес на Македонија. Посебно се заблагодаруваме на капитенот кој покажа и докажа како треба да се игра и бори во дресот со националниот грб на Македонија. Воедно изразуваме жалење за повредата на Дамјан Стојановски, како и за неиграњето на повредениот Марко Симоновски. МКФ упатува благодарност и до целиот стручен и медицински штаб на нашата најдобра селекција, се вели во соопштението на федерацијата.
Од МКФ се заблагодарија и на домаќинот на квалификациските натпревари, Општина Кавадарци на чело со градоначалникот Александар Панов.
Македонија во квалификациите настапи во група со Унгарија, Велика Британија и Луксембург и со ефект две победи и четири порази не се пласира на Евробаскет 2017.