Српскиот кошаркарски стручњак Игор Кокошков е именуван за нов селектор на репрезентацијата на Словенија.
Кокошков на клупата на Словенија ќе го наследи Јуре Здовц и ќе стане вториот странец, а вкупно десети селектор кој ја предводел репрезентацијата на Словенија.
Како што информира Кошаркарскиот сојуз на Словенија, Кокошков официјално на јавноста ќе и биде претставен кон средината на февруари, по паузата во НБА шампионатот за време на „Ол стар викендот“.
Кокошков со Словенија ќе потпише едногодишен договор со можност да биде продолжена соработката доколку оваа селекција се квалификува на Европското првенство 2017 година.
Искусниот тренер истовремено ќе продолжи да ја врши и функцијата помошник тренер во НБА тимот Јута Џез. Игор Кокошков кој зад себе има богато искуство од НБА лигата, како асистент во ЛА Клиперс, Детроит, Феникс, Кливленд и Орландо, неколку години беше и селектор на репрезентацијата на Грузија, со која на минатогодишното ЕП на патот до осминафиналето ја елиминира репрезентацијата на Македонија во групата во Загреб.