Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон ја обезбеди четвртата титула во шампионатот во Формула 1 и трета во последните четири години, откако по вечерашната трка за Големата Награда на Мексико се зацврсти на врвот во Генералниот пласман со недостижна разлика за конкурентите.
На Британецот во Мексико му беше доволно 5. место за обезбедување на титулата, но и со освоеното 9. место стана шампион, бидејќи неговиот најголем конкурент за врвот, Себастијан Фетел од Ферари заврши на 4. позиција.
На две трки до крајот на шампионатот Хамилтон има недостижни 56 бодови предност во Генералниот пласман, пред второпласираниот Фетел.
Победник во Мексико е Макс Ферстапен од Ред Бул и за него ова е трет триумф во кариерата и втора оваа сезона. На победничкиот подиум се најдоа уште и Велтери Ботас од Мерцедес и Кими Раиконен од Ферари.
Генерален пласман: Хамилтон 333 бода, Фетел 277, Ботас 262,…
Претпоследната трка е закажана за 12 ноември во Бразил.