Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со два пораза денеска го заврши настапот во квалификациите на Вимблдон. Таа загуби во првото коло во двете конкуренции (сингл и двојки). Во мечот што заврши предмалку Ѓорческа во двојки заедно со Русинката Полина Монова загубија од осмите носителки Американките Ешли Вајнхолд и Кејтин Ворски.
Противничките мечот го добија со 6:3 и 7:6 (8:6) во гемови. Во вториот сет во тај брекот Ѓорческа и Монова испуштија шанса да изедначат на 1-1 во сетови откако водеа со 6:3 на поени, а противничките ги добија следните пет поени.
Ѓорческа претходно во првото коло од квалификациите во сингл загуби од првата носителка Александра Круниќ од Србија со 2-0 во сетови (6:4 и 6:4 во гемови). Ова за нашата тенисерка беа првите мечеви во кариерата одиграни на тревната подлога.