Светската фудбалска легенда и едно од најголемите имиња на спортот воопшто, Аргентинецот Диего Армандо Марадона, почина денеска од срцев удар на 60-годишна возраст во својот дом во Тигре, близу Буенос Аирес, официјално беше соопштено.
На почетокот од месецов, Марадона имаше успешна операција на мозокот. Претходно беше објавено дека се лекува од зависност од алкохол, а тој беше и долгогодишен корисник на дроги.
Еден од најголемите играчи на сите времиња беше капитен на аргентинската фудбалска репрезентација која го освои Светското првенство во 1986 година. Играше за Барселона и за Наполи, покрај Бока Јуниорс и Севиља, во клупската кариера. Освои две титули во Серија А.
Во историјата на светските првенства, ќе остане запаметен голот на Марадона со рака против Англија во четвртфиналето на првенството во 1986, по кој подоцна Аргентинецот го доби прекарот „Божјата рака“.