Ауди најави дека на претстојниот Саем во Франкфурт ќе претстави концепт електричен е-трон кватро СУВ модел, што ќе има домет од околу 500 километри, а чија сериска изведба се очекува 2018 година.
Ауди е-трон кватро концепт ќе користи технологија развиена на моделот Р8 е-трон, а сериската изведба ќе биде првиот електричен модел од голема серија на компанијата.
Дизајнот е во согласност со „Аеростатикс“ принципот на Ауди што ги комбинира аеродинамичните решенија за намалување на отпорот на воздухот со креативни стилски решенија. Аеродинамичните елементи на предниот дел, страниците и задниот дел на возилото го подобруваат движењето на воздухот околу автомобилот и создаваат коефицинет на отпор на воздухот од само 0,25 што е вистински рекорд за СУВ сегментот.
Моделот се позиционира меѓу Ауди Ку5 и Ку7, а купе кабината дава динамичен изглед со пространа внатрешност.
Големата литиум-јонска батерија е поставена меѓу осовините нудејќи ниско тежиште што гарантира подобра управливост и пространа внатрешност.
Искуството од Р8 е-трон спортскиот модел е пресудно за погонскиот систем, така што, концептот ќе има три електрични мотори, еден на предната оска и два на задната оска.