Раководството на Формула 1 соопшти дека трката за Големата награда (ГН) на Португалија ќе се одржи на 2 мај на патеката Портимау, потврдувајќи дека овогодишниот календар на Светското првенство ќе брои рекордни 23 трки.
Портимау беше домаќин на трка и во минатогодишната скратена сезона, што беше враќање на Формула 1 на португалско почва по пауза од 25 години.
-Возбудени сме што можеме да објавиме дека, по минатогодишниот голем успех, повторно ќе имаме трка во Формула 1 во Портимау. Со ланските 17 натпреварувања покажавме дека можеме да организираме трки во безбедносно опкружување, и на тој начин, во тешки времиња, да развеселиме милиони наши приврзаници. Се надеваме дека во Портимау повторно ќе можеме да имаме публика покрај патеката, изјави главниот оперативец на Ф1, Стефано Доменикали.