Компанијата „Форд“ наскоро ќе почне со продажба на својот глобален мал СУВ модел „ЕкоСпорт“ и во Европа.
Компанијата очекува дека до 2018 година побарувачката за моделите од овој автомобилски сегмент на европскиот пазар ќе порасне за дури 90 отсто.
„ЕкоСпорт“ е првиот модел на „Форд“ за целиот свет што во целост е развиен во Јужна Америка, со продажба во повеќе од 125 земји ширум планетата.
Овој СУВ првпат беше претставен во 2003 година во Бразил и од тогаш се продадени повеќе од 900.000 примероци од првата генерација.
Во меѓувреме, инженерите и дизајнерите на „Форд“ од повеќе од 16 држави заедно работеа на развојот на сосема новиот „ЕкоСпорт“ модел што ќе им биде понуден и на купувачите во Европа.
Европската премиера овој модел ја имаше на Саемот на автомобили во Женева 2013, а според најавите што доаѓаат од „Форд“ наскоро ќе почне да се продава и на „стариот континент“.
„Форд“ предвидува дека до 2018 година вкупната продажба на СУВ возила во Европа ќе се зголеми за 22 отсто, додека продажбата на мали урбани СУВ автомобили, како што е „ЕкоСпорт“, ќе порасне за дури 90 отсто.
Конкуренцијата во овој сегмент, што до пред пет-шест години речиси и да не постоеше на европскиот пазар, е се поостра. Некои од најзначајните светски производители веќе се застапени со свои модели („Нисан Џоук“, „Опел Мока“, „Рено Каптур“, „Пежо 2008“…), а наскоро ќе им се приклучат и возилата од другите компании кои веќе имаа премиера или допрва ќе бидат претставени на јавноста („Џип“, „Фиат“…).
„Форд ЕкоСпорт“ во Европа ќе биде достапен со 1.0-литарски ЕкоБост турбо-бензински мотор со 125 КС, што во 2013 и 2012 година беше прогласен за меѓународен мотор на годината.
Според фабричките податоци, просечната потрошувачка на оваа верзија се движи од 5,3 литри на 100 километри, а емисијата на јаглен-диоксид од 125 грама на километар. Во понудата ќе биде и 1.5-литарскиот бензинец со 112 КС што со петостепен мануелен менувач, може да достигне потрошувачка од 6,3 литри на 100 километри и емисија на ЦО2 од 149 грама на километар.
На европските купувачи на располагање ќе им биде и дизел мотор од 1.5-литри со 90 КС, што има потрошувачка од од 4,6 литри на 100 километри и емисија на ЦО2 од 120 грама на километар.
Според претходните најави, „Форд ЕкоСпорт“ треба прво да им биде достапен на купувачите во Германија, а потоа постепено и во другите европски земји.
Предвидено е продажбата во Германија да почне во јуни по цена од 17.990 евра.